Пендаровски: Срам за нашата држава беше вакцинацијата во Србија викендов
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Март 2021
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, по завршувањето на седницата на Советот за бзбедност изрази благодарност до соседна Србија, откако илјадници македонски граѓани таму ја примија вакцината на „Астразенека“ против Ковид-19 за време на викендот. Тој додаде дека тие слики од Србија се срам за нашата држава.
„Побарав надлежните да го организираат процесот на вакцинирање во најдобар ред и таа операција да продолжи до целосна имунизација на населението – прекини не смее да има. Тоа не го барам само јас, и верувам дека го пренесувам и чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме од соседна Србија викендов тоа најдобро го илустрираат. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија, се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Државата мора да најде начин тука да им пружи здравствена грижа на своите граѓани“, рече Пендаровски.
Членовите на советот побарале на располагање да се стават сите расположливи ресурси за граѓаните да ја добијат соодветната здравствена заштита.
„Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добив уверување дека тоа не се случило и нема да се случи“, рече Пендаровски.
Тој ги повика приватните здравствени установи да се откажат од профитот и да ги намалат цените за лекување, па дури и да го упатат својот персонал на работа во јавните здравствени установи, доколку е тоа потребно.
„Убеден сум дека за време на големи колективни страдања, не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди“, вели Пендаровски.
Во однос на недостигот на вакцини во земјава, Пендаровски рече дека околу 80 проценти од сите вакцини се распределени во 10 земји во светот.
„Сепак, тоа нашите граѓани не ги интересира. Точно е дека верувавме во механизмот 'Ковакс'. Исто така, и во солидарниот фонд на ЕУ, кој иако најавен за јануари, ќе профункционира дури во април“, рече тој.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс