Муцунски: Пендаровски и Филипче имаат одговорност за срамот со вакцинацијата

При денешната посета на Ресен од страна на пратеникот Тимчо Муцунски беа отворени повеќе прашања, меѓу кои и преписката помеѓу претседателот на државата, Пендаровски, и министерот за здравство, Филипче. Тој потенцира дека тие слики на граничниот премин Табановце кон Србија навистина се срамни за државата и во таа насока се согласува со изјавата на претседателот Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и како политичка партија, но и одредени поединци, тоа веќе го кажа.

„За жал, видовме една преписка, во која претседателот на државата и министерот за здравство се докажуваа кој помалку направил за да се обезбедат вакцини. Тие се носители на функции во извршната власт и имаат свои надлежности. Да, министерот за здравство во здравствената политика, но претседателот Пендаровски во делот на надворешната политика. Тие треба да седнат и да видат зошто заеднички доволно не направиле.

Одговорноста е заедничка, немањето капацитет на обезбедување вакцини, ова срамно ниво на имунизација што го имаме под сите регионални стандарди, да не зборуваме надвор од регионот, е одговорност на сите фактори во извршната власт. Дали е ова некоја фасада, дали е ова некоја вештачка драма за дефокус на јавноста, не сакам да навлезам во тоа да коментирам. Но, сите имаат одговорност, вклучително и претседателот на државата, вклучително и министерот за здравство, за тој срам што не треба да се повтори“, истакна Муцунски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека тие се сите фактор од еден ист политички субјект.

„Кога зборуваме за кохабитација помеѓу двајца кои се фактор од еден ист субјект, ќе се очекува дека тие се познаваат, веруваат кон исти политики, одат во реализација на исти политики и затоа ова е една чудна појава во времиња кои се најтешки за државата. Нормално е да очекувате дека во процесот на набавка на вакцини, покрај Министерство за здравство, да биде вклучена и целата мрежа надворешнополитичка.

Голем дел од ингеренциите во надворешната политика е токму кај претседателот на државата и се согласувам дека и тој има одговорност зошто тие не успеале. Очигледно немале добра комуникација, очигледно не соработувале, прашањето треба кон нив да го поставиме. Но, реалноста е дека кој и да е одговорот, фактичката состојба е срамна и катастрофална на терен и ја гледаме секојдневно, за жал. Јас не би сакал тоа да е така и сите би се радувале да бевме ние први по вакцинација со многу помалку заболени, но фактичката состојба на терен е срамна и одговорноста е кај сите носители во извршната власт“, нагласи Муцунски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.