Државниот врв апелира на одговорно празнување на Велигден поради пандемијата

Пораки за радост и љубов, но и апели за одговорно празнување содржат честитките на државниот врв по повод празнувањето на големиот христијански празник - Велигден.

Претседателот Стево Пендаровски на граѓаните им посака љубов и добра мисла, и порача дека во услови на Ковид-19, треба да бидеме совесни.

„Посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов. Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста. Како што Христијанството би било празно без христовото воскресение така би биле празни и нашите животи без љубов, сочувство, морал, споделување и благодарност. После повеќе од една година живот во пандемија која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“, се вели во честитката од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден“, се наведува во честитката на Пендаровски.

Премиерот, Зоран Заев порача дека саможртвата на Христос треба да ни биде пример со личен подвиг да внимаваме на личното и на здравјето на другите и сите заедно да учествуваме во победата над пандемијата.

„Во наше изменето современие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг. Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти“, се наведува во честитката на премиерот.

Порака за љубов, радост и добро здравје упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери, од свое лично име и од име на пратениците.

„Упатувам искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа, лични и колективни успеси и радости. Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците пред нас. Во овие години на пандемија се соочивме со особено голем предизвик, а тоа е нашето здравје и здравјето на нашите драги и блиски луѓе. Осознавме што значи и колку е болно од ден на ден да заминуваат во вечноста блиски и далечни, познати и непознати луѓе. Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат“, наведе Џафери во честитката.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.