„Левица“: СДСМ и ДПМНЕ здружено ќе го легализираат криминалот направен со дивоградбите

Од „Левица“ реагираат за законот за легализација на дивоградбите потенцирајќи дека ако подобро се погледне законското решение, јасна е тенденцијата за легализација на приватниот интерес - луксузот и комфорот на побогатите.

„ На странските државјани од документи за легализација им се бара само „копија од патна исправа“, со што и на богатите странци ќе им биде отворен патот за узурпација на македонските урбани јадра и планини. Нешто што не можат да го прават во своите матични држави. Понатаму, ќе се легализираат дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачја на заштитено недвижно културно наследство и нешто што е апсолутно недозволиво, во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, само по добиена согласност од надлежен орган! Со овој закон ќе бидат легализирани стотици нелегални комерцијални објекти, луксузни куќи и викендички, кои со години се градат бесправно со преќутна согласност на властите“ велат од „Левица“.

Оттаму додаваат дека овој закон бил договорен на лидерската средба, одржана за одложување на пописот и тоа на предлог на амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со кој закон, како што објаснуваат од „Левица“ се предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење на локално и републичко ниво).

Според партијата, со заедничкото изгласување на овој амандман, од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се запираат кривичните постапки против новинарот Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети.

„ Од ова може да се заклучи дека се работи за уште една договорена амнестија помеѓу власта и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, повторно на штета на граѓаните. Од сите горе наведени причини и многу други, „Левица“ гласаше против овој закон“ се наведува во нивната реакција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.