(Видео) Заев: Силва и Вархељи дојдоа со предлог што не навлегува во нашите идентитетски прашања

На средбата во Клубот на пратениците португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, и еврокомесарот за соседска политика, Оливер Вархељи, пред премиерот Заев, вицепремиерот Димитров и министерот Османи ги презентираа предлог-решенијата за надминување на проблемот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кои имаат цел да гo деблокираат отворањето на преговорите на земјата со ЕУ, со одржување на првата меѓувладина конференција.

Веднаш по состанокот, премиерот Заев даде изјава, во која рече дека тимот во Владата задолжен за овие преговори сериозно и одговорно ќе ги разгледа сите детали од предложеното решение.

 

 

„За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија“, рече Заев изразувајќи увереност дека ова е вистинскиот момент да одиме чекор понатаму.

„Се надевам дека со ист таков пристап ќе се сретнеме со Софија за доброто на двата народа и за заедничката иднина на двете земји како соседи и пријатели, како членки на НАТО и како идни партнери и членки на ЕУ“, нагласи македонскиот премиер.

Инаку, бугарските медиуми денеска веќе пишуваа за предлогот на португалското претседателство.

Агенцијата „Бгнес“, која имала увид во документот, објави дека со предлогот се предвидува Северна Македонија да прифати дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.

Меѓутоа, агенцијата потсетува дека ваквиот предлог не ги задоволува во целост бугарските позиции бидејќи, според официјална Софија, проблемот не е во датумот на кодификацијата, туку во потеклото на јазикот, а тој клучен момент го нема во предложениот документ, пишува во анализата на „Бгнес“.

Понатаму, се додава и дека властите во Скопје треба да изготват акциски план, односно патоказ со кој преку процесот за стабилизација и асоцијација ќе се следи спроведувањето на договорот за добрососедство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.