Заев: Со првото учество на самит на НАТО даваме и наш придонес за стратешките одлуки и за иднината на алијансата

Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја предводи владината делегација на годинешниот самит на НАТО 2021 на шефови на држави и влади во Брисел.

Премиерот Заев ќе учествува во работата на Северноатлантскиот совет на НАТО, на кој лидерите на земјите членки ќе разговараат за најважните прашања за иднината на алијансата.

„Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително, со нашето членство алијансата ги подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.

Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евро-атлантска и ЕУ-перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.

Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, но и кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно приспособување на НАТО.

Ние ги делиме истите вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и целосно сме посветени на нашата колективна безбедност: Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни!“, порача Заев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.