ВМРО-ДПМНЕ го блокира предлогот за еколошката такса со која ќе се зголемат цените на горивата

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира предлогот за воведување на еколошка такса со која би се зголемиле цените на горивата.

Пратеникот од опозициските редови, Тимчо Муцунски, предупреди дека тоа со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, како и зголемена неконкуретност на македонските компании на светскиот пазар, што ќе предизвика дополнителен шок на целата македонска економија.

„Наместо државата да се грижи за инвестиции во зелени проекти, Владата има намера да наплаќа од секој граѓанин и од секоја компанија со цел да финансира проекти што нема да постигнат некој значителен ефект, освен можеби политички да го оправдаат ребрендирањето на еден од своите коалициони партнери“, смета Муцунски.

Во однос на обвинувањата за блокадите, од ВМРО-ДПМНЕ во своја одбрана наведуваат дека блокираат единствено закони кои им нанесуваат сериозна и непосредна штета на и така веќе погодените граѓани и компании.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е цврст и јасен: Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите анти-пазарни политики, меѓу кои и високите даноци“, рече Муцунски.

Опозицијата е децидна дека граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта, како и безусловно укинување на таканаречената еколошка такса.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.