(Видео) Пендаровски: Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ

Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, вели претседателот, Стево Пендаровски, во честитката за 2 Август, Илинден - Денот на Републиката.

„На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања“, вели претседателот.

Но, еднаш добиена, додава тој, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација.

„Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби. Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас“, вели Пендаровски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.