Пожарите локализирани и ставени под контрола, противпожарните служби остануваат на терен

Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола, соопштија надлежните. На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.

„По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Околу 500 припадници на противпожарните единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на пожарот. Кочанчани синоќа очајно се бореа со огнената стихија, која проголта куќи и други објекти. Според информациите од теренот десетина граѓани побарале помош, откако вдишале чад додека се обидувале да ги спасат куќите и земјоделската механизација.

Според најавите од надлежните во текот на денот ќе почне увидот на состојбата со куќите и другите објекти што беа зафатени од пожарот кај Кочани, за да може општинската комисија за проценка на штетите да изготви записник.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.