Велјановски: СДСМ и ДУИ се обвинуваат помеѓу себе кој да ја преземе вината за несреќата во Тетово

Наместо морална одговорност и оставки, а потоа и непристрасна истрага, партнерите во власта СДСМ и ДУИ ги гледаме како се обвинуваат помеѓу себе кој да ја преземе вината за несреќата во Тетово, во која живи изгореа 14 луѓе, истакна денеска во Собранието, пратеникот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски.

„Зоран Заев јавно призна дека модуларната болница во Тетово е градена без одобрение за градба и без потребните статики, што се потребни за сите нормални објекти. За срамот и апсурдот да биде уште поголем, Зоран Заев ја спореди монтажната болница во Тетово, со изградба на летни тераси и кафеани. Ваквата скандалозна изјава на Заев е јасно признание со кое тој веќе досега требаше да биде повикан во Јавното обвинителство, бидејќи според тоа што го кажа, само прашање на време било кога ќе се случи некоја несреќа со болницата во Тетово“, рече Велјановски.

Тој додава дека во моментот има уште 18 модуларни болници градени на ист принцип со исти материјали кои очигледно, како што вели, се темпирана бомба и потенцијална опасност за пациентите.

Велјановски критикува дека СДСМ и ДУИ обвинувајќи се меѓу себе откриваат оти немало соодветен надзор на модуларните објекти, немало противпожарен систем за заштита, немало технички прием, немало атестирани материјали, немало ништо што би гарантирало безбедност на пациентите.

Според него, ова е надвор од сите норми и правила, и е нестручно и недоговорно работење од страна на надлежните органи.

Велјановски порача дека од сето она што досега е изнесено во јавноста, јасно е дека виновни за пропустите се токму СДСМ и ДУИ. Тој побара од Јавното обвинителство да не чека и веднаш да покрене обвиненија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.