Арсовска: 250 нови еколошки автобуси - решение за подобрување на јавниот превоз и намалено загадување

Обезбедување 250 нови еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз како решение на повеќе проблеми на Скопје, како средување на сообраќајниот хаос, намалување на загадувањето и подостапен јавен превоз за граѓаните, е еден од клучните проекти на независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска.

На денешната прес-конференција Арсовска продолжи со детаљно претставување проекти од својата програма. Со 250 нови еколошки автобуси Арсовска планира да го реши сообраќајниот хаос и да се обезбеди подобра и побрза поврзаност во градот.

„Скопје има егзистенцијални проблеми, кои мора да ги решаваме. Мора да имаме брзи и сигурни проекти, што ќе го направат Скопје подобро место за живеење. Бидејќи сите сме сведоци на нечисти автобуси во јавниот превоз за кои никој не води грижа и кои не се водат според возниот ред. И токму јавниот превоз е еден од најголемите проблеми на нашиот град. Јавниот превоз не е само проблем сам за себе. Тоа што тој е нефункционален, нередовен и скап создава сериозна потреба граѓаните да ги користат исклучиво своите возила. Тоа создава дополнителен проблем, односно преоптеретување на градските улици. На Скопје му требаат брзи и сигурни решенија. А решение е набавка на нови 250 еколошки автобуси, дел на електрично напојување, дел на природен енергент. Ова ќе чини далеку поевтино од секакви големи проекти, а ќе значи решавање на децениски проблем во Скопје“, изјави Арсовска.

Според неа, со реализација на овој проект ќе се намали загадувањето, односно тоа ќе биде еднакво на нула. Скопје и скопјани ќе добијат сигурен и брз транспорт, без притоа да се изгуби зеленилото на градот, без поместување мостови, без мегаломански утописки проекти.

Арсовска најави реализација на овој проект со поддршка од меѓународните институции, кои за вакви и слични проекти даваат сериозна поддршка на многу други европски градови.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.