Софиски весник за Арсовска: Бугарка вербално линчувана во Скопје

Бугарскиот весник „Труд“ во денешното издание во текст со наслов „Бугарка вербално линчувана во Скопје“ ја брани Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, откога вчера СДСМ објави документи дека има бугарско државјанство.

„Дали е лошо да си Бугарин во Македонија? Од тонот и сугестиите на официјалната прес-конференција на владејачката партија СДСМ на Зоран Заев во Северна Македонија, тоа е лоша работа“, стои во објавата на „Труд“ заедно со известувањето дека пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, открила голема „тајна“ - дека главната претендентка за градоначалничката фотелја во Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство.

„На огромен екран зад говорницата на Петровска беше прикажан указот за бугарско државјанство, но не на Данела Арсовска, туку на Даниела Арсовска. Дали е ова указ за бугарско државјанство на дотичната жена, овде не станува збор. Исто така, не станува збор за тоа дека бугарското државјанство се добива со документ за бугарско потекло и ако Данела Арсовска и Даниела Арсовска се исто лице, тоа значи дека тоа лице доставило документи за своите предци дека на времето се декларирале како Бугари“, објави бугарски „Труд“.

Весникот ја коментира прес-конференцијата на Петровска за која вели дека со растреперен глас за медиумите кажала страшна и безобразна тајна - дека Данела Арсовска „десет години имала резервна татковина!“, а како страшен го наведува и фактот од биографијата на Арсовска дека е поврзана со друга земја на ЕУ како почесен конзул на Унгарија.

„Труд“ го цитира Виктор Стојанов, претседателот на Фондацијата „Македонија“, кој вели дека во Македонија разни граѓани имаат владини функции, вклучително и Срби, но во Северна Македонија никогаш не било доведено во прашање дека Србите бранат странски интереси.

„Ова не може ни да им помине низ умот. Идеологијата од времето на комунистичка Југославија дека Србите се наши браќа, а Бугарите наши непријатели, останува до денес“, изјавил Стојанов за „Труд“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.