(Видео) Во СДСМ и во Алтернативата неделава партиски консултации за преговорите помеѓу Заев и Гаши
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Декември 2021
Се очекува до крајот на оваа недела да се обезбеди усогласување за влез на Алтернативата во Владата. Партиските тела на владејачката коалиција и опозициската Атернатива до тогаш ќе разговараат за средбите помеѓу Зоран Заев и Африм Гаши.
Ова го соопшти Владата по денешната средба на двајцата лидери, кои попладнево се состанаа со своите тимови.
Од Владата информираат дека консултациите што ќе следуваат по денешната средба се со цел да се обезбеди договор за заедничка влада, која ќе се посвети на предизвиците штп доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и зацртаните стратешки државни цели.
„На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите за дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт“, соопштија од владината прес-служба.
Се додава дека разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и за квалитетот на живот на граѓаните.
Претходно, по денешната средба, двајцата лидери не сакаа да коментираат каде се закочени преговорите за проширување на парламентарното мнозинство и дали ќе има нова средба. Заев му отстапи на Гаши да каже, како што рече, една реченица.
„Можеме да ви кажеме дека имаме напредок, следуваат консултации од нашите партии. Ќе има известување од партиите, од Владата“, рече Гаши.
На денешната средба требаше да се разгледуваат кадровските решенија и распределбата на ресорите. Веќе се шпекулира дека Алтернативата бара две министерски и две вицепремиерски места. За директорските нема информации. Неофицијално, Гаши сака негов кадар да раководи и со Министерството за здравство.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс