Апликацијата „Кико“, која им чита текст на слепите лица, доби и албанска верзија

По промовирањето на аудиочитачот на македонски јазик - „Кико“, слепите лица и лицата со оштетен вид, чиј мајчин јазик е албанскиот, ја добија и албанската верзија „Хана“. И оваа апликација на албански јазик, кој личи на на македонската, ќе овозможи пишаниот текст да се чуе и да се разбере во аудиоверзија.

Првпат лицата со оштетен вид, кои говорат албански јазик, добија аудиочитач на мајчин јазик, „Хана“ ќе биде достапна за речиси 5.000 слепи лица од регионот. „Хана“ ќе може да ја користат речиси 5.000 слепи лица од регионот со мајчин албански јазик, но секако таа бројка е поголема ако се земе предвид и албанската дијаспора во светот.

 

 

Првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби, изрази големо задоволство за тоа што на слепите лица и на лицата со оштетен вид од денеска значително ќе им се олесни секојдневниот живот.

„Заложбата на Владата на Република Северна Македонија е да создаде општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаков пристап до образование, вработување, здравство и еднаква заштита од секаква дискриминација. Во своите стратегии и политики Владата има јасна заложба за подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост. Во согласност со одредбите на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, чиј потписник е и нашата земја, имаме стратешка цел да ги подобриме условите за целосно вклучување на лицата со попреченост во сите општества. Донесен е заклучок за потребата од задолжително вклучување на учениците со лесна интелектуална попреченост во редовните училишта. Беа оценети и сите деца од прво до петто одделение од посебните основни училишта и посебните паралелки во редовните училишта во Република Северна Македонија за да се утврдат нивната функционалност и потребата од дополнителни услуги за вклучување во редовните основни училишта“, нагласи Груби.

Дигиталната апликација - аудиочитач, ќе биде бесплатна и достапна за сите корисници на андроид-системи со името RHVoice, мобилни телефони, десктоп-компјутери или други електронски уреди. Кога ќе се инсталира апликацијата RHVoice, потребно е да се избере „албански“ на листата со јазици, потоа да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот „Хана“.

„Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата, во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, спроведува реформи во процесот на процека на потребите на децата со попреченост. За таа цел, подготвен е нов модел за процена на потребите на овие лица во согласност со Меѓународната класификација на функционирање (IFC). Новиот модел предвидува зголемување на бројот на стручни тела за процена на 9 тела во повеќе градови од нашата земја. Првпат во Република Северна Македонија, Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост е достапна на знаковен јазик за лицата со оштетен слух. Овој чекор го почитува правото на пристап до информации во достапни формати според оваа Конвенција. Националното координативно тело ја почна иницијативата за ратификација на Договорот од Маракеш, чија цел е да се зголеми пристапот до книги, списанија и други печатени материјали за слепите и други лица што имаат тешкотии да користат печатени материјали“, рече првиот вицепремиер Груби.

Користењето на аудиочитачот како апликација е мултинаменска. Освен за слепите лица, продуктот ќе може да го користат и лицата со тешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица што информациите најдобро може да ги разбираат во аудиоформат. На двете верзии од аудиочитачот работеше тим составен од ИТ-експерти од американска компанија специјализирана за изработка на говорни синтези со искуство на изработка на вакви продукти за неколку говорни подрачја, поддржани од локален и регионален тим од филолози и лингвисти од реномирани институции.

„Се работи на приспособување на интелектуалните дела на крајните корисници (слепи лица), како и за измена и дополнување на Законот за градењето, кои измени ќе се засноваат на основните постулати на Конвенцијата на ОН. Во оваа пригода дозволете ми да го изразам моето задоволство и радост за аудиочитачот 'Хана', првиот на албански јазик, кој текстот и фотографијата ќе ги трансформира во звук и ќе им помогне на илјадници слепи лица во Северна Македонија, Албанија, Косово и пошироко. Посебна благодарност до министерката Јагода Шахпаска и УНДП, кои овозможија реализација на овој читач, кој ќе им помогне на овие луѓе овозможувајќи комуникација и непречено движење и ќе им ги олесни секојдневните активности. Можноста за еднаков пристап за сите во градењето еднакво општество е многу важна. Затоа нема да престанеме да работиме заедно, да ги надминеме бариерите и да обезбедиме еднаков пристап до здравството, културниот и социјалниот живот, но и до образование и вработување за сите граѓани еднакво“, истакна Груби.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.