За Велигден се вапцаат само црвени јајца

Нема човек кој не греши, а на најголемиот христијански празник на сите православни христијани кои искрено ќе се покаат и ќе побараат прошка од Исус Христос, ќе им бидат простени гревовите, бидејќи Тој, со неговите страдања и воскресение ги искупил сите човечки гревови.

 

Велигден се празнува и се слави во име на пожртвуваноста на Исус за луѓето, за љубовта со која се сакаат ближните, но и во име на простувањето. На Велигден, во име на традицијата со црвени јајца се оди на гости за да се соопшти радосната вест, веста за Христовото воскресение, за спасението, кое пак ни дава сила да веруваме дека нашето постоење има смисла. Велигденските јајца се обележје на големиот христијански празник Велигден. Јајцата се вапцаат и се украсуваат во текот на Велики четврток и Велика сабота.

 

Има различни легенди за традицијата за вапцување јајца. Една од нив е дека кога Исус Христос бил распнат на крстот, една кокошка дошла и под него снесла јајце. Крвта од лицето на Исус капела врз него и го обоила во црвено. Затоа првото јајце се бојадисува во црвена боја. Друга легенда вели дека Марија Магдалена отишла кај римскиот император Тибериј и му однела црвено јајце, кажувајќи му ги зборовите: "Христос воскресна!" и му раскажала за воскресението на Исус.

 

Според црквата, домаќинките треба да се придржуваат до тоа да вапцаат само црвени јајца, а не шарени како што претежно ги прават домаќинките, бидејќи црвената боја ја симболизира крвта на Исус Хриостос.

 

На Велигден сите се потсетуваме дека треба да се радуваме за туѓите успеси, и да сочувствуваме за болката на другите. Но, сепак, брзото темпо на живот, многубројните активности и обврски, потребата и желбата за успех и кариера, се повеќе не оддалечуваат од најблиските. Се помалку време од работниот ден и викендот издвојуваме за посета на роднини, ни останаа само празниците мотив за заеднички ручек со семејството, но и пријателите. Токму затоа, убавината и големината на Велигден ја согледуваме во моќта да не спои со најблиските.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.