Почина најстариот брат на Мајкл Џексон

Тито Џексон, најстариот брат на Мајкл Џексон, почина на 70-годишна возраст.

 

Според семејниот пријател и менаџер Стив Менинг, Тито бил на пат од Ново Мексико за Оклахома кога починал.

 

Иако официјалната причина за смртта допрва треба да биде објавена, Менинг изјави за „Ентертејмнт тунајт“ дека верува оти Тито доживеал срцев удар, пренесува „Индекс.хр“.

 

Тито последните неколку дена е на турнеја во Европа со своите браќа Марлон и Џеки, каде што на крајот на минатата недела ја објави својата последна објава на „Инстаграм“. На фотографијата се гледа како браќата му оддаваат почит на Мајкл Џексон.

 

„Пред нашето шоу во Минхен, моите браќа Џеки, Марлон и јас го посетивме споменикот на нашиот сакан брат Мајкл Џексон. Ви благодариме што го одржувавте неговиот дух во живот“, напиша тој.

 

Тито, вистинско име Торијано Адарил Џексон, беше американски музичар. Тој беше оригинален член на „Џексон фајв“, кои се прославија во доцните 60-ти и 70-ти. Групата ги освои срцата на публиката во светот со хитовите, како I Want You Back, ABC и I’ll Be There.

 

За време на кариерата тој беше номиниран за три награди „Греми“ и беше примен во Рокенрол-куќата на славните како член на „Џексон фајв“. Тито ја почна својата соло кариера во 2003 година настапувајќи како блуз-музичар.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.