Принцезата Мако, која се откажа од титулата, стана мајка

Поранешната принцеза Мако, која се откажа од титулата и од привилегиите на царската куќа поради љубовта кон својот сопруг, обичниот граѓанин Кеи Комура, стана мајка.

 

Веста за раѓањето ја потврди палатата во Токио. Иако не го открија полот на детето, ниту кога се родило, официјалните лица сепак нагласија дека мајката и бебето се чувствуваат добро и дека сè поминало во ред, пренесува АП.

 

Ова е првото дете на поранешната принцеза и нејзиниот сопруг.

 

За потсетување, во 2017 година принцезата Мако ја шокира јавноста со својата желба да се омажи за партнер по свој избор кршејќи ја јапонската традиција и откажувајќи се од титулата што ѝ даваше привилегиран статус.

 

Со оглед на тоа што нејзиниот партнер Кеи Комура не припаѓа на избраните семејства, Мако мораше да се откаже од својата кралска титула. Во октомври 2022 година таа го изгуби својот кралски статус со венчавката и стана обична граѓанка.

 

По венчавката, принцезата Мако изненади со одбивањето на традиционалната исплата поврзана со јапонската традиција на исплата на женски член на семејството од речиси 1,3 милион долари по напуштањето на домот.

 

Во тоа време таа рече:

 

„Ќе почнеме нов живот. Сигурна сум дека ќе се соочиме со тешкотии на патот. Но, исто како и претходно, сакам да продолжам да ги здружувам силите со Кеи и да одам со него рамо до рамо. Има многумина што разбираат колку е тешко да се живее додека се следат желбите на нашите срца, но се надевам дека можеме да создадеме општество во кое сите можеме да живееме и да ги поддржуваме чувствата едни на други“.

 

По напуштањето на семејството, Мако се пресели во Њујорк со својот сопруг и најде волонтерска работа во музејот „Метрополитен“ во Њујорк. Таа работи како помошник-куратор за уметнички колекции поврзани со Азија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.