Дурент го престигна Шек, Феникс ја победи Филаделфија

Кошаркарите на Феникс ја победија Филаделфија со 115:102, во натпревар во кој Кевин Дурент го престигна Шекил О’Нил на осмото место на листата на најдобри стрелци во НБА лигата.

На Дурент пред натпреварот му беа потребни девет поени за да го претекне О’Нил, кој има 28.596 поени. Дурент го заврши натпреварот со 22 поени, осум скока и четири асистенции.

Најефикасен во победничкиот тим беше Грејсон Ален со 32 поени, постигна девет тројки од 15 обиди. Тој постигна најмалку осум тројки во седум натпревари оваа сезона, а само Стеф Кари од Голден Стејт е подобар од него.

Девин Букер постигна 18 поени и 11 асистенции, а Јусуф Нуркиќ 10 поени и 15 скока за Санс.

Во тимот од Филаделфија Кели Оубре постигна 18 поени, а Камерон Пејн и Џеф Даутин по 12.

Кошаркарите на Голден Стејт го победија Мемфис со 137:116.

Вориорс ги предводеа Џонатан Камингс со 26 поени, Клеј Томпсон со 23 и Ендрју Вигинс со 20 поени и 10 скока. Стеф Кари додаде 14 поени, постигна четири тројки во седум обиди. Кари рекордна петта сезона постигнува најмалку 300 тројки во една сезона.

Бостон Селтикс во дербито на Истокот славеа против Милвоки Бакс со 122:110. Со оваа победа Селтикс речиси си го обезбедија првото место на Истокот. Бакс играа без јанис Адетокумбо, кој има проблем со препоната.

Тејтум постигна 31 поен, Дерик Вајт 23, Браун 21, а Кристапс Порзингис 17, додека Пејтон Причард имаше огромен придонес од клупата со 19 поени, шест скока и три асистенции.

Кај гостите се истакна Лилард со 32 поени и 60 отсто шут за три поени (6/10), односно Портис со 24 и Крис Мидлтон со 22 поени.

На другите натпревари Индијана го победи Детроит со 122:103 и го нанесе четвртиот последователен пораз, а Оклахома предводена од Чет Холмгрен кој имаше 35 поени ја победи Јута со 119:107.

Го следеше еден од кандидатите за МВП наградата, Шаи Гилџис-Александер, кој сезонава по 12. пат имаше точно 31 поен.

Лос Анџелес Клиперс го победи Портланд со 116:103, Сакраменто победи против Торонто (123:89), а Мајами славеше над Кливленд (107:104).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.