Манчестер, Сингапур, Токио и Торино кандидати за финалниот АТП турнир

Лондон ќе се бори против уште четири кандидати за финалниот АТП турнир за годината по 2020 година, објавија од Асоцијацијата.

 

Манчестер, Сингапур, Токио и Торино се приклучуваат на Лондон во кандидатурата за домаќин на турнирот од 2021 до 2025 година.

 

Салата „О2" во Лондон е домаќин на најдобрите тенисери за годината од 2009 година, а настанот се следи со голем интерес.

 

Сепак, од АТП во август објавија дека ќе им овозможат и на други градови да аплицираат за организација на натпреварувањето.

 

- Огромниот интерес, кој го имаше од целиот свет во текот на процесот на поднесување на кандидатурите, го одразува богатото наследство на овој уникатен турнир, изјави претседателот на АТП, Крис Кермуд.

 

Повеќе од 40 градови покажале интерес за организација на престижниот турнир, а конечната одлука ќе биде донесена во март 2019 година.

 

Деби изданието на турнирот се одржа во Токио во 1970 година, по што домаќини биле Њујорк (13 години), Франкфурт (шест години), Хановер, Лисабон, Сиднеј, Хјустон и Шангај.

 

Осумте најсилни тенисери во сингл и парови на сезоната се натпреваруваат во турнир со награден фонд од 8,5 милиони долари.

 

Оваа година, титулата во Лондон ја освои Александар Зверев (Германија), кој во финалето го победи светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ (Србија).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.