Дачиќ: Нема да дозволиме српски жртви поради неподготвеноста на меѓународната заедница

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави денеска дека меѓународната заедница сега треба да преземе се што ѝ налагаат законите и меѓународните обврски, односно да обезбеди безбедност и стабилност за Србите на Косово.

Во интервју за РТС, Дачиќ изјави дека ескалацијата на неодговорното однесување на Приштина, што предизвикува конфликтни ситуации, трае со месеци.

„Наместо нормализација, постојано имаме ескалација предизвикана од Аљбин Курти и деескалација на кој работи дел од меѓународната заедница. Резултатот од тоа е подмолен план: на Курти му се дозволува да направи нешто, меѓународната заедница божем протестира, а потоа тоа останува завршена работа од едностран карактер за која се надеваат дека ќе стане политичка реалност“, објаснува Дачиќ.

Дачиќ нагласи дека улогата на КФОР не е да протестира туку да спречи унилатерален чин и дека не е улога на КФОР да стои пред општинските згради и да го спречува српскиот народ да си ги врати зградите.

„КФОР сега практично ги чува градоначалниците под изговор за зачувување на мирот. Ги штити и од сопствениците на тие згради, кои се Срби, од оние што работат таму, од вработените. Градоначалници во српските општини не можат да бидат оние кои никој од Србите не ги избрал“, истакна тој.

Дачиќ додаде дека Србија тоа го посочила уште пред неколку месеци и дека сите добро знаат какви се ставовите на Србија.

„На меѓународната заедница ѝ останува да преземе се што бараат законите и меѓународните обврски, а тоа значи да се осигура безбедност и стабилност за Србите на Косово и Метохија“, апелираше Дачиќ.

Шефот на српската демократија истакна дека гаранциите на КФОР не им вредат ништо на Србите бидејќи имаат за цел само да ги измамат.

„Не е тоа негативен однос кон нив од наша страна туку се работи за тоа дали тие ќе го исполнат тоа што се должни да го исполнат или не. Не ја провоцирајте Србија да каже дека Србија мора да го направи тоа. Ако некој мисли дека ова ќе трае до недоглед и дека Србија ќе трпи таква ескалација против Србите, дека ќе паднат жртви, не дај Боже… Навистина не ми е јасно дали некој не гледа или не сака да види дека такво нешто мора веднаш да се запре“, нагласи Дачиќ.

Според него, кризата на северот од Косово треба да заврши така што оние кои со години ѝ помагаат на Приштина ќе кренат телефон или ќе дојдат во Приштина и ќе го решат проблемот.

„Немојте да си играме криенка и да се правиме дека не можат да влијаат на Курти. Што е Курти? Велесила? Предупредувањата може да им годат на нашите уши, но не се живее од предупредувања. Ако САД не можат да ја принудат Приштина да го почитува тоа, не знам каква доверба можеме да имаме во меѓународната заедница и во оние што го спонзорираат тој опасен воен авантуризам во Приштина“, рече Дачиќ.

Тој потсети дека Приштина доби визна либерализација и отворање на процесот за прием во Советот на Европа.

„Велат дека мора да ги наградат за конструктивниот пристап. Ова ли е конструктивен пристап? Само да не испадне после дека Србија е виновна за такво нешто. Ова не смее да се случи и Србија нема да го дозволи тоа“, нагласи Дачиќ.

Тој истакна дека српските воени сили се во состојба на готовност и предупреди дека, ако е потребно, ќе ги заштитат Србите.

„Да дозволиме да паднат српски жртви поради неподготвеноста на меѓународната заедница или поради воениот авантуризам на Курти… Тоа секако нема да го дозволиме“, нагласи Дачиќ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.