Во Хрватска се одржуваат парламентарни избори

Денеска, во Хрватска се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас имаат околу 3,7 милиони гласачи.

Повеќе од 6.500 избирачки места беа отворени во 7 часот, на кои може да се гласа до 19 часот, до кога е на сила изборниот молк.

Во 19 часот ќе бидат објавени резултатите од првите излезни анкети, а во 21 часот Државната изборна комисија ќе ги објави првите изборни резултати, кои ќе се ажурираат на секои 15 минути, пренесува „Index.hr“.

Ова, анализира медиумот, се најнеизвесните парламентарни избори од прогласувањето на независноста на Хрватска во 1991 година.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ неочекувано најави дека ќе биде кандидат за премиер на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), од која замина во февруари 2020 година.

Негов главен ривал, со кој отворено се судри речиси за сите внатрешни и надворешни политички прашања, е поранешниот премиер и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ. Тој и неговата партија сакаат да добијат трет мандат на изборите за формирање Влада.

ХДЗ во голема мера доминираше со владата откако Хрватска стекна независност од поранешна Југославија во 1991 година. Таа стана членка на НАТО во 2009 година, се приклучи на Европската унија во 2013 година, а од 2023 година е членка на Еврозоната, членка на монетарната унија на ЕУ.

Предизборните анкети објавени на водечките медиуми во Хрватска предвидуваа дека ХДЗ ќе биде релативен победник, што му дава поголема шанса на Пленковиќ да формира влада, но ниту една партија нема да може да го направи тоа самостојно, па владата ќе зависи од пост- изборни коалиции, според тамошните анализи.

Од изборите кои изгледаа многу предвидливо пред неколку месеци, со влегувањето во изборната трка на Милановиќ, познат по острата реторика и стил, предизборниот период го одбележаа остри полемики.

Уставниот суд му забрани на Милановиќ да се кандидира за пратеник на листата на СДП, бидејќи не поднел оставка од функцијата претседател, па делумно учествувал во кампањата.

Иако поради забраната не учествуваше на предизборните митинзи на СДП, Милановиќ во речиси секојдневните изјави за новинарите и објавите на социјалните мрежи ја критикуваше ХДЗ за низа корупциски скандали, ги повика граѓаните да гласаат за која било партија освен за ХДЗ и Пленковиќ, и најави дека како кандидат на СДП, чиј претседател некогаш беше, ќе формира влада на национален спас.

Во понеделникот, последниот ден од кампањата, Милановиќ и Пленковиќ го продолжија вербалниот конфликт кој трае со години.

Пленковиќ истакна дека Милановиќ „ја турка Хрватска во рускиот свет“, алудирајќи на неговото противење на обуката на украинските војници во Хрватска, додека Милановиќ го нарече премиерот „кум на криминалот во Хрватска“ и „херојски зајак“.

На завршната прес-конференција на ХДЗ во Загреб, премиерот рече дека очекува голема поддршка на изборите и убедлива победа на неговата партија поради резултатите што ги постигнале во изминатите осум години.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.