Полскиот претседател приватно се сретна со Трамп во Њујорк: „Ме покани во неговиот стан“

Полскиот претседател, Анджеј Дуда, изјави дека за време на неговата денешна посета на Њујорк имал приватна средба со поранешниот шеф на американската држава и претседателски кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп.

Изборниот штаб на Трамп ги опиша двајцата мажи како „одлични пријатели“, се вели во соопштението за состанокот, во кое се додава дека разговарале за предлогот на Дуда земјите од НАТО да трошат најмалку три отсто од својот БДП за одбрана.

Дуда, чиј мандат истекува во 2025 година, беше еден од меѓународните партнери на Трамп кога тој беше претседател.

„Доналд Трамп ме покани во неговиот приватен стан, така да се каже. Ова е едноставно приватен состанок во врска со мојот престој овде во Њујорк“, изјави Дуда за новинарите во Њујорк.

Трамп, кому му се суди во Њујорк под обвинение дека го купил молкот на порнографската актерка Сторми Даниелс, е во тесна трка против демократскиот шеф на државата Џо Бајден пред претседателските избори во ноември.

Многу европски лидери веќе долго време се загрижени дека новиот мандат на Трамп може да значи намалување на американската поддршка за Украина, со која се граничи Полска, и за НАТО алијансата.

„Претседателот Трамп со задоволство се присети на неговата значајна посета на Полска во 2017 година и го пофали полскиот народ за цврстата одбрана на неговиот суверенитет и посветеноста на заштитата на европските граници од какви било и сите закани“, се вели во соопштението од изборниот штаб на Трамп.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.