Туск за можната посета на Орбан на Москва: Виктор, гласините не можат да бидат точни или можат

Полскиот премиер Доналд Туск го изрази своето изненадување во објава на социјалната мрежа Х по информацијата дека унгарскиот премиер Виктор Орбан би можел да ја посети Москва само неколку дена по неговото патување во Киев.

„Гласините за вашата посета на Москва не можат да бидат точни, Виктор, или можат? напиша Туск, означувајќи го официјалниот профил на унгарскиот премиер во објавата. Информацијата за патувањето на Орбан во Русија ја објавил унгарскиот новинар Шаболч Пањи, а ја потврдиле и извори на „Радио Слободна Европа“.

Унгарската влада се уште не се изјаснила за да ја потврди или негира посетата. Официјален претставник на Европската унија, кој сакал да остане анонимен, изјавил за Радио Слободна Европа дека Орбан не го информирал Брисел за неговото заминување во Москва.

„Да прашаше Орбан, Шарл Мишел силно ќе го советуваше да не ја оствари посетата“, кажал функционерот.

Во вторникот Орбан беше во Киев, каде што им предложи на Украинците да се согласат на прекин на огнот. Претседателот Володимир Зеленски ја отфрли споменатата идеја.

Во понеделникот Унгарија го презеде своето шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.