Мутира вирус што се пренесува преку комарци: се шири бргу, регистрирани случаи и во Европа

Мистериозен вирус, кој некогаш бил ограничен на регионот на Амазон, претрпе генетски промени и во поопасна верзија почна да се шири во Америка. До неодамна вирусот Oropouche, кој се пренесува преку комарци, беше релативно непозната болест, главно ограничена на басенот на Амазон во Јужна Америка. Но, од крајот на 2023 година оваа инфекција почна да се шири надвор од својата вообичаена област.

Од 1 август годинава пријавени се повеќе од 8.000 случаи на таканаречена„треска на мрзливост, со два смртни случаја во Бразил. Повеќето од инфекциите биле во Јужна Америка, но се појавиле и во САД и во Европа.

Поради наглото зголемување на случаите, Американскиот центар за контрола и превенција на болестите (ЦДЦ) издаде здравствено предупредување до лекарите во САД. Првите случаи на вирусот во Европа беа откриени во јуни и јули оваа година кај патниците што се заразиле за време на нивниот престој во Бразил и Куба, пишува Би-би-си.

Поради вирусот оропуче, Панамериканската здравствена организација издаде епидемиолошко предупредување и го подигна нивото на ризик за јавното здравје на високо. „Иако болеста досега имаше благи симптоми, потребен е зголемен надзор поради географското ширење на преносот и појавата на потешки случаи“, се вели во соопштението на агенцијата.

Вирусот Oropouche е ендемичен во регионот на Амазон во Јужна Америка и се шири преку каснувања од инсекти. Најчесто го шират малите мушички Culicoides paraensis, кои ги има во изобилство на големо подрачје на Америка. Сепак, може да се пренесе и од комарците Culex quinquefasciatus и Ochlerotatus serratus, кои се наоѓаат во тропските и суптропските региони.

Досега не е забележан директен пренос од човек на човек. Кога вирусот ќе влезе во крвотокот, може бргу да се прошири во телото. Се чини дека се акумулира особено во мозокот и црниот дроб. Името го добил по селото во кое е забележан првиот случај. Имено, властите во 1955 година првпат го изолирале овој вирус од крвта на болен шумски работник во населбата Вега де Оропуче во Тринидад и Тобаго.

Досега се регистрирани околу 500.000 случаи на зарази, но вистинската бројка е веројатно поголема бидејќи симптомите се многу слични со другите болести што предизвикуваат треска. Во доцните 80-ти инфекциите почнаа да се појавуваат во Панама, Перу и Еквадор, а од 2000 година во Боливија, Колумбија, Еквадор и Француска Гвајана.

По неодамнешната анализа на вирусот, научниците открија дека има промена во неговиот генетски код поради што тој поефикасно се репродуцира во заразените клетки. Ова значи дека потенцијално може да предизвика посериозни симптоми и полесно се шири со каснување од комарец.

Претходно оваа година, две млади и инаку здрави жени починаа во Бразил откога беа заразени. Властите ја истражуваат третата смрт на средовечен маж. Имаше и неколку случаи на инфекција кај трудници, кои резултираа со смрт на нероденото дете или проблеми со развојот на мозокот на бебето.

Вирусот предизвикува симптоми слични на грип – висока температура, главоболка, болки во мускулите, гадење и повраќање. Во тешки случаи може да предизвика менингитис.

Според ЦДЦ, симптомите обично почнуваат од три до десет дена по каснувањето и траат од три до шест дена. Симптомите може повторно да се појават неколку дена или недели по закрепнувањето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.