Фон дер Лајен: Смртта на Синвар значително го ослабува Хамас

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, кој се смета за еден од главните организатори на нападите врз Израел минатата година, значително ќе го ослаби Хамас.

 

„Неговата смрт сигурно значително го ослабува Хамас“, изјави Фон дер Лајен на прес-конференција по самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.

 

Таа го опиша Синвар како водач на терористичката организација, кој бил мозокот на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година, пренесува „Политико“.

 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека Синвар е „одговорен за страдањата на луѓето во Газа поради неговите постапки“ како еден од главните организатори на нападот на Хамас врз Израел минатата година.

 

Фон дер Лајен и Мишел повикаа и на прекин на огнот во Појасот Газа, каде што, според процените на ОН, речиси два милиона луѓе се соочуваат со екстремно критични нивоа на глад како резултат на израелската воена офанзива.

 

Неколку западни лидери во четвртокот, по убиството на Синвар, повикаа на ослободување на заложниците и крај на војната во Појасот Газа и повторно го осудија нападот врз Израел на 7 октомври минатата година.

 

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека нема да му недостига водачот на милитантите, а францускиот претседател Емануел Макрон рече дека земјата бара ослободување на сите заложници, кои сè уште се во Газа, пренесува „Танјуг“.

 

Потпретседателката на САД и демократска кандидатка за претседател на САД, Камала Харис, оцени дека овој момент нуди шанса да се стави крај на војната во Појасот Газа.

 

Хамас уби приближно 1.200 луѓе во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година и зеде речиси 250 заложници во Појасот Газа по што Израел почна офанзива во која загинаа повеќе од 40.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.