Францускиот министер: Не треба рано да се донесуваат заклучоци за односот на Трамп со Украина
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 11 Ноември 2024
Украинските сојузници не треба да прејудицираат како новата американска администрација ќе се справи со војната во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додавајќи дека Париз верува оти западните сили мора да останат обединети во поддршката за Киев.
Новиот американски претседател Доналд Трамп, кој постојано го критикува обемот на западната финансиска и воена помош за Киев, разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и го советуваше да не ја ескалира војната во Украина, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со разговорот, но Кремљ денеска негира дека Путин и Трамп разговарале.
„Соочени со шпекулации за тоа какви би можеле да бидат позициите или иницијативите на новата американска администрација, мислам дека апсолутно не треба да прејудицираме и дека мора да ѝ дадеме време (на администрацијата)“, рече Жан-Ноел Баро на Парискиот мировен форум.
Но, Баро рече дека сите иницијативи ќе треба да гарантираат дека Украина самата ги одредува времето и условите на преговарачкиот процес. Тој додаде дека западните сојузници мора да му ги дадат на Киев сите потребни средства за да се потисне инвазијата на руските сили.
„Украина, како и меѓународната заедница, би имале премногу да загубат доколку Русија го наметне законот на најсилните“, рече тој.
Баро рече дека претседателот Володимир Зеленски се сретна со новоизбраниот претседател Доналд Трамп неколкупати и дека не се сомнева оти ќе воспостави силни односи со новата администрација.
Финската министерка за надворешни работи, Елина Валтонен, на истиот форум рече дека е време сојузниците на Украина да ја заострат својата анализа за Русија.
„Не се работи само за Украина. Руската закана за човештвото е егзистенцијална и не почнува ниту завршува со Украина“, рече Валтонен, чија земја влезе во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Францускиот министер за одбрана вчера изјави дека Париз испраќа повеќе ракети со долг дострел во Украина за напади зад руските линии.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс