Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел, подготвена за операции доколку се почувствува загрозена
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 13 Ноември 2024
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека односите на Турција со Израел се прекинати и додаде дека неговата земја е подготвена да почне прекугранични операции доколку се чувствува загрозено.
„Турција, предводена од Реџеп Таип Ердоган, не може да продолжи да ги развива односите со Израел. Во моментот немаме никакви односи со Израел. Не презедовме никакви чекори за да ги развиеме овие односи“, им рече тој на новинарите по враќањето од Азербејџан, јавува „Си-ен-ен Турк“.
Ердоган исто така изрази надеж дека Турција може да ги обнови врските со сирискиот претседател Башар ал-Асад, што, според него, може да придонесе за намалување на регионалната тензија.
„Обновувањето на односите со Асад ќе биде корисно за намалување на тензиите во регионот“, рече тој додавајќи дека се надева оти тоа ќе се случи во иднина.
Говорејќи за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Ердоган изрази загриженост за некои од пораките што доаѓаат од неговата администрација, но нагласи дека се надева оти Трамп во текот на својот мандат ќе преземе чекори што ќе имаат корист за Блискиот Исток.
„Се надевам дека Трамп ќе преземе разни чекори во регионот бидејќи пораките што доаѓаат од негова страна повремено предизвикуваат загриженост“, рече тој.
Дополнително, Ердоган ја спомена можноста за идна соработка со извршниот директор на платформата „Икс“, Илон Маск, посочувајќи дека Турција би можела да соработува со познат бизнисмен во областа на технологијата доколку се укаже можност, пренесува „Танјуг“.
„Технологијата не е област што можете да ја развивате сами, неопходна е соработка. Доколку се појават можности, можеме да преземеме заеднички чекори со Маск“, заклучи Ердоган.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс