Знаеме дека мирот нема да ни биде подарок, но ќе направиме се за да ја запреме Русија и да ставиме крај на војната: Зеленски во новогодишната порака

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот, во своето новогодишно обраќање до нацијата, рече дека неговата земја ќе направи се за да ја прекине војната со Русија во 2025 година.

„Нека 2025 ни биде годината на Украина. Знаеме дека мирот нема да ни биде подарок, но ќе направиме се за да ја запреме Русија и да ставиме крај на војната“, рече тој во својот говор објавен на социјалните мрежи.

Зеленски додаде дека Украина треба да се бори во 2025 година на бојното поле, но и на преговарачка маса за да се стави крај на речиси тригодишната руска инвазија.

„Секој ден во наредната година ќе треба да се бориме за Украина што е доволно силна, бидејќи само таква Украина ќе се почитува и слуша“, рече Зеленски.

Следната година носи неизвесност во Украина и стравувања дека ќе има намалување на американската воена и политичка поддршка откако Доналд Трамп ќе ја преземе власта, анализираат медиумите во светот.

Администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден во понеделникот и додели воена и буџетска помош на Украина од речиси шест милијарди долари.

Трамп рече дека ќе го прекине конфликтот во рок од 24 часа по преземањето на должноста, предизвикувајќи стравувања дека Украина ќе биде принудена да ги напушти териториите под контрола на Русија во замена за мир.

„Не се сомневам дека новиот американски претседател е подготвен и способен да постигне мир и да стави крај на агресијата на Путин“, рече Зеленски во својот говор.

Рускиот претседател Владимир Путин не ја спомена конкретно војната во Украина во својот новогодишен говор во вторникот, но ги пофали руските војници за нивната храброст.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.