Тихуана прогласи вонредна состојба: се подготвуваат за мигрантски бран
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 21 Јануари 2025
Засолништата за мигранти во Тихуана, град кој се наоѓа долж границата со Сан Диего, Калифорнија, се подготвуваат за можен бран на мигрантски прилив доколку американскиот претседател Доналд Трамп го спроведе својот план за масовни депортации, јавува Си-Ен-Ен. Според локалните власти, повеќе од 30 засолништа работат во мексиканскиот пограничен град кој се наоѓа во северозападната држава Долна Калифорнија. Хуманитарните работници го посочуваат недостатокот на простор, ресурси и општата несигурност како главни проблеми со кои се соочуваат овие засолништа.
Џејми Марин, директор на засолништето Jardin de las Mariposas, рече дека постои загриженост дека потенцијалните масовни депортации на Трамп би можеле да предизвикаат хуманитарна криза во обезбедувањето услуги за мигрантите кои сакаат да влезат во САД, како и за оние кои веќе се депортирани. „Постои колективна нервоза за одлуките што ги носи администрацијата на претседателот Трамп“, рече Марин. „Најголемиот предизвик за засолништата е да не знаат што доаѓа. Ментално се подготвувам“, рече Пет Марфи, шеф на засолништето Каса дел Мигранте, минатата недела, пред инаугурацијата на Трамп.
Нивната загриженост произлегува од ветувањето на Трамп дека ќе изврши масовни депортации по преземањето на функцијата. За време на вчерашниот инаугуративен говор, Трамп го повтори своето ветување. „Ќе го започнеме процесот на враќање на милиони и милиони криминални вонземјани во земјите од кои дојдоа“, рече тој од Капитол.
Како подготовка за можен прилив на мигранти во градот, властите во Тихуана минатата недела прогласија вонредна состојба. Тоа е административен чекор што му овозможува на градот да пристапи до средства за изнајмување простор, плаќање за правни услуги, персонал, опрема и материјали. Сепак, градоначалникот Исмаел Бургењо Руиз минатата недела рече дека мерката е само превентивна, во случај Трамп навистина да го направи она што рече дека ќе го направи, но градот не е во паника. Тој рече и дека градот има подготвено капацитети во случај на зголемен број на депортирани.
Марин истакна дека на засолништата им се потребни повеќе средства за храна, сеопфатни медицински услуги, помош со програми за доброволно враќање во земјите на потекло, повеќе програми кои промовираат интеграција и достоинство преку вработување, посебно внимание на сексуалната разновидност и повеќе услуги посветени на менталното здравје.
Не е познато колку мигранти моментално живеат во Тихуана, но владините податоци покажуваат дека од јануари до август 2024 година, повеќе од 30.000 мигранти престојувале во градот во одреден момент. За можен прилив на мигранти се подготвува и мексиканската федерална влада со најава за отворање нови засолништа во пограничните градови и организирање помош за мигрантските карвани.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум на 3 јануари изјави дека многу мигранти веќе одлучиле да се вратат во земјите на потекло. И покрај зголемената несигурност, засолништата остануваат посветени на својата мисија. „Со оглед на можните масовни депортации, работиме на проекти кои ќе им помогнат на овие луѓе во секој поглед, како и на оние кои сакаат да станат дел од заедницата во Тихуана и не сакаат да се вратат во земјите на потекло“, рече Паулети.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс