
Политико: Фридрих Мерц предизвик за Урсула фон дер Лајен и нејзината позиција во ЕУ
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 21 Февруари 2025

Лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, за кого се предвидува победа на претстојните избори, јасно најави дека ќе биде многу поактивен во европските прашања од неговиот претходник Олаф Шолц, што бриселски „Политико“ го оцени како најголем предизвик за Урсула фон дер Лајен како претседател на Европската комисија.
Подигнувањето на Мерц доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп сигнализира дека Европа мора да преземе поголем дел од одговорноста за воената и економската помош за Украина, пишува бриселскиот портал, пренесува Танјуг.
Иако поголемата улога на Германија во ЕУ може да биде од корист за Фон дер Лајен, конфликтите меѓу Мерц и неа стануваат се поочигледни, пишува Политико.
Додека Фон дер Лајен се залага за зелени реформи, родова еднаквост и отворени внатрешни граници на ЕУ, Мерц поддржува дерегулација, ограничување на миграцијата и зајакнување на националните држави во однос на Брисел.
Нивните односи дополнително се оптоварени со долгогодишниот конфликт во ЦДУ, каде што Фон дер Лајен беше близок соработник и доверлив човек на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, додека Мерц беше нејзин противник со години.
Според Политико, се очекува дека нивниот однос ќе ги обликува идните политички трендови во ЕУ, особено во прашањата за фискалната политика, односите со Кина и миграцијата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
