
(Фото/Видео) Најпознатите градби во светот блескаат за папата Франциско
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 22 Април 2025

Откако вчера беше објавена веста за смртта на папата Франциско, бројни светски метрополи и верски заедници му оддадоа почит со симболични гестови и собири.
Во Париз вчера вечерта беше исклучена Ајфеловата кула како силен знак на жалост и почит кон починатиот понтиф. Гестот, кој го најави градоначалничката Ана Идалго, беше дел од серијата официјални и верски почести организирани во текот на денот во француската престолнина.
Исто така, беше посочено дека ќе се предложи плоштад во Париз да го носи името на папата Франциско по примерот на плоштадот Јован Павле Втори од 2006 година.
Во исто време, камбаните на катедралата Нотр Дам во Париз заѕвонија 88 пати, колку што имаше години папата Франциско, по што следеше специјален концерт со ѕвона, вечерна миса и молитвено бдение. Верниците запалија свеќи и оставаа пораки пред неговата фотографија, оддавајќи му почит и сеќавајќи се на неговото наследство на мир, солидарност и грижа за најсиромашните.
Слични сцени беа снимени и во Рим, каде низ градот одекнуваа црковни ѕвона, а националните знамиња на официјалните згради беа спуштени на половина копје. Стотици верници се собраа на плоштадот Свети Петар, каде со тишина и молитва му оддадоа почит на починатиот папа. Во Италија, папата Франциско е препознаен како симбол на надеж и сочувство, а неговата смрт во понеделникот на Велигден дополнително ги погоди верниците и граѓаните.
Знамињата беа спуштени на половина копје и на врвот на Сиднејскиот Харбор мост во Австралија по смртта на папата Франциско.
Вчера од 22 часот до 2 часот по полноќ, во спомен на папата Франциско, зградата Емпајер Стејт во Њујорк беше осветлена во златна и бела боја.
Верските заедници ширум Европа, вклучително и Шпанија, организираа специјални миси и бдеење, додека политичките лидери и претставниците на другите религии од целиот свет испратија изрази на сочувство и ја истакнаа важноста на посветеноста на папата за мир, дијалог и социјална правда.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
