
(Видео) 30-годишниот маж кој газеше луѓе на канадски фестивал обвинет за убиство
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 28 Април 2025

Триесетгодишен маж е обвинет по осум точки за убиство од втор степен, откако со автомобилот се забил во толпа луѓе на улична забава во Ванкувер, Канада, објави Би-би-си. Во нападот на фестивал на кој се слави филипинската култура загинаа 11 лица, а десетици беа повредени.
Синоќа, полицијата сè уште работеше на идентификување на некои од жртвите, а полицијата соопшти дека осомничениот Каи-Џи Адам Ло, жител на Ванкувер, веројатно ќе биде обвинет за дополнителни убиства. Истражителите рекоа дека осомничениот ѝ бил познат на полицијата пред нападот, но ја исклучија можноста за екстремистички мотив, наведувајќи наместо тоа дека имал проблеми со менталното здравје.
https://x.com/i/status/1916367951705285053
Организаторите на годишниот фестивал Лапу Лапу изјавија дека блиската филипинска заедница во Ванкувер е во жалост и дека последиците од нападот ќе се чувствуваат со години.
Претходно, полицијата објави дека жртвите биле на возраст меѓу пет и 65 години. Нивниот идентитет сè уште не е објавен.
Нападот се случил завчера околу 20:14 часот локално време во јужниот дел на Ванкувер. Неколку очевидци го опишаа моментот кога автомобилот се заби во толпата и хаосот што следеше.
„Автомобилот едноставно возеше брзо по целата улица, удирајќи во сè пред себе“, изјави локалната жителка Абигејл Андисо за Асошиејтед Прес. „Видов едно мртво лице, еден човек на земја и се упатив кон крајот на улицата каде што исчезна автомобилот, таму имаше уште жртви, веднаш можеше да се видат можеби 20 луѓе на земја, сите беа во паника, сите врескаа“, опиша таа.
На местото на несреќата, луѓето синоќа почнаа да положуваат цвеќе и да им оддаваат почит на жртвите. Една жена падна на колена, плачејќи, пред да си замине. Друга жена, по име Дона, рекла дека живее во соседството повеќе од 50 години. Таа беше на фестивалот и рече дека бил преполн со млади луѓе и семејства. „Луѓето дојдоа тука да слават и да уживаат. Ова е трагедија“, изјави таа за Би-би-си.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
