
„Ќе бидат малтретирани во училиште ако се викаат Пикачу“: Јапонија воведува правила за имиња на деца
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 27 Мај 2025

Јапонија воведува правила за спречување необични имиња за бебиња, пишува „Гардијан“. Промената е дизајнирана да ја запре употребата на киракира (сјајни или светкави) имиња, кои се рашириле меѓу родителите што сакаат да бидат креативни. Ова создава административни тешкотии за локалните власти и во некои случаи води до последователна злоупотреба на деца.
Родителите во Јапонија повеќе нема да имаат целосна слобода во изборот на имињата што ќе им ги даваат на своите деца откога оваа недела беа воведени нови правила за изговор на знаците. Иако измените на законот за семејна евиденција не ги забрануваат знаците со кинеска основа во пишаниот јапонски јазик, родителите се должни да ги известат локалните власти за нивните фонетски читања во обид да се елиминираат необичните или контроверзните изговори.
Сега ќе бидат дозволени само официјално признати претстави на канџи-карактери бидејќи владата одговори на конфузијата што необичните имиња може да ја предизвикаат во училиштата, болниците и во другите јавни служби.
Дебатата за имињата киракира трае од 90-тите, поттикната од појавата на имиња базирани на неортодоксни толкувања на канџи. Владата го опиша инсистирањето на стандарден изговор како начин за поедноставување на дигитализацијата на административните процедури, но исто така се смета за обид да се забави ширењето на необични и за многумина неразбирливи имиња.
Родителите исто така се критикувани затоа што ги именуваат своите деца по познати ликови или брендови, а популарни имиња се Пикачу, познат лик од Покемон, Наики (Најк), Даија (Дајмонд), Пу (како Вини Пу) и Кити по измислената мачка Кити Чан. Исто така, присутни се имиња, како што се Оџисама (Принц) и Акума (Ѓавол).
Родителите ги бранат своите избори како приказ на индивидуален стил во општество во кое притисокот за конформизам може да биде непријатен, особено кога станува збор за воспитување деца. Иако повеќето од приближно 3.000 дозволени канџи-знаци имаат повеќе конвенционални читања, некои се лингвистички пофлексибилни и, како што се жалат службениците, едноставно, се неизговорливи.
Родителите што избрале изговор што отстапува од конвенционалниот сега ќе бидат замолени писмено да го објаснат својот избор на име и, доколку е потребно, да предложат прифатлива алтернатива.
Иако медиумските извештаи сугерираат дека само најлошите примери ќе бидат отфрлени, ова фонетско барање претставува ретка промена во семејниот регистар на Јапонија, или косеки, правен запис, во кој се наведени имињата и датумите на раѓање на главата на домаќинството, неговата сопруга и нивните деца.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
