Трамп им забрани на странските студенти да се запишуваат на Харвард

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го суспендира приемот на странски студенти на Харвард за шест месеци, наведувајќи ги загриженоста за националната безбедност и велејќи дека дозволувањето на таков прием е „штетно за интересите на Соединетите Американски Држави“.

 

Одлуката на Трамп доаѓа по месеци конфликт меѓу Белата куќа и еден од најпрестижните универзитети во Америка. Харвард претходно одби да ги исполни барањата на администрацијата за откривање информации за странски студенти, што резултираше со суспензија на федералното финансирање.

 

Во најновото соопштение, Трамп го обвинува Харвард дека има „широки врски со странски земји“ и дека „ги крши граѓанските права на своите студенти и професори“.

 

Во извршната наредба се наведува:

 

„Утврдено е дека е потребно да се ограничи приемот на странски државјани кои доаѓаат во Соединетите Американски Држави единствено или првенствено за да студираат на Харвард“.

 

Покрај забраната за нови приеми, наредбата го повикува државниот секретар да размисли за одземање на визите што веќе им се издадени на студентите што веќе посетуваат Харвард, а забраната може да се продолжи и по почетниот шестмесечен период.

 

Од Харвард изјавија за Ројтерс дека станува збор за: „Уште еден нелегален и одмаздољубив потег на администрацијата што го крши правото на слобода на говор“.

 

Универзитетот вели дека ќе продолжи да ги штити своите меѓународни студенти и да се бори против притисокот од Белата куќа. Моментално, речиси 7.000 меѓународни студенти сочинуваат 27 проценти од студентското тело на Харвард.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.