Заеднички патроли на Турција и САД во северна Сирија

Турција и САД речиси ги завршија подготовките во врска со започнувањето на заедничко патролирање во областа на Манбиџ во северна Сирија, изјави денеска Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател.

 

Тој посочи дека наскоро ќе започнат заедничките вежби и заеднички патроли.

 

На прес-конференција во Анкара Калин рече дека Турција очекува меѓународната заедница да помогне во политичкиот процес во Сирија.

 

Тој, исто така, оцени дека договорите за Идлиб, постигнати на средбата на претседателите на Турција и Русија во Сочи, придонесоа за спречување на хуманитарна катастрофа.

 

- Избегната е голема хуманитарна катастрофа во сириската провинција Идлиб, рече Калин, додавајќи дека сегашната мирна атмосфера во Идлиб „предизвикува задоволство“.

 

Во врска со продолжувањето на заедничката работа со Русија Калин посочи дека треба да се разгледаат варијанти за изнесување на терористичките елементи од Идлиб. Од таа причина се врши координирана работа на Националната разузнавачка организација на Турција (МИТ) и турските вооружени сили со Русија, рече Калин.

 

Тој додаде дека Турција придава големо значење на целосното чистење на регионот од терористи и нема да им дозволи да се стационираат покрај границите на Турција.

 

Претседателите на Русија и Турција Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган на 17 септември се согласија  да создадат демилитаризирана зона во сириската провинција Идлиб, долж линијата на контакт на владините сили на Сирија и вооружената опозиција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.