Повредни на протестите во Атина против Преспанскиот договор

10 полицајци беа повредени во спорадични судири пред грчкиот парламент за време на протестот против Преспанскиот договор, објавија грчките медиуми.

 

Група маскирани лица, најверојатно членови на екстремно десничарските групи се обидуваат да го пробијат полицискиот кордон пред Споменикот на незнајниот јунак на плоштадот "Синтагма" во Атина. Млади луѓе, од кои некои со маски, фрлаа боја, камења и петарди по органите на редот, кои одговорија со гранати со солзавец за да ги растераат.


Стотици илјади Грци, вееја знамиња, го исполнија плоштадот "Синтагма" и околните улици во центарот на грчката престолнина во знак на протест против ратификацијата на потпишаниот Договорот од Преспа, кој  го прекина 27-годишниот спор меѓу Атина и Скопје околу името на Македонија, пренесуваат медиумите.


Луѓето извикуваат навредливи слогани против премиерот Алексис Ципрас. Тој на гласањето кое се очекува следната недела треба да ги собере потребните 151 глас за конечно одобрување на договорот. Демонстрантите носат постери со натписи "Македонија е грчка" и "Референдум сега".

 

Според организаторите на протестот на плоштадот пред зградата на грчкиот парламент има повеќе од 600.000 луѓе, а бројот на демонстранти е веројатно околу 1 милион. Сепак, според официјалните податоци на полицијата, не повеќе од 60.000 луѓе протестираат во центарот на Атина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.