Во Германија паника за тоалетна хартија, се краде дури и од гробишта

Пандемијата на коронавирус предизвика недостиг на некои артикли во германските продавници, како тоалетна хартија, а паниката кај граѓаните оди дотаму што дури и од гробиштата јавуваат за кражби на овој сега најбаран производ во земјата.

„И досега се крадеше од гробишта, секогаш исчезнувале метали како бакар или месинг. Но, да се краде тоалетна хартија од тоалетите на гробиштата, тоа досега не сме го доживеале“, вели Рејнхолд Адријан, кој е во администрацијата за градски гробишта.

За да се стави крај на оваа појава, властите решија да ги отворат тоалетите на гробиштата само за време на погреби.

Од избувнувањето на пандемијата на коронавирус, германските продавници генерално немаат недостаток, освен за неколку артикли: брашно, квасец, тестенини, ориз и тоалетна хартија. Додека испораката за други набавки се стабилизира, тоалетната хартија останува дефицитарна стока што исчезнува веднаш штом се појави на полиците во продавниците.

„Забележавме зголемување од 700 проценти во продажбата на тоалетна хартија од февруари“, вели Кристијан Бутчер, портпарол на Сојузот на германски трговци за животни намирници (BVLH).

Од ланецот на маркети ДМ, велат дека тоалетната хартија е еден од оние производи кои ги нарачуваат однапред врз основа на досегашното искуство.

Но, зошто Германците прават залихи од овој произод?

„Кога ќе се најдеме во ситуација кога се чувствуваме немоќни, кога сме загрижени за иднината, тогаш многумина бараат некој сегмент каде што можат да ги држат работите под контрола. Залихите со тоалетна хартија ја симболизираат таа контрола", објаснува психологот Мајкл Хуперц за германската новинска агенција ДПА.

Складирањето на производи исто така на некои луѓе им помага да го надминат стравот од кризни ситуации.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.