Буш: Пораките на демонстрантите треба да се сослушаат, а не да се задушат

Поранешниот американски претседател Џорџ Буш изјави дека убиството на Џорџ Флојд отсликува шокантен неуспех во однос на расизмот во земјата и повика да се послушаат пораките на демонстрантите, пренесува „Ројтерс“.

„Единствениот начин да се видиме себеси во вистинско светло е да ги слушнеме гласовите на голем број луѓе кои се повредени и во тага“, се наведува во изјавата на Буш.

„Оние кои ги замолкнуваат тие гласови не разбираат што значи Америка, или како таа може да стане подобро место“, истакна поранешниот претседател на САД, без да го именува Трамп, кој застапува сосема поинаков пристап.

Трамп инсистира на пожесток одговор од силите за безбедност во справувањето со демонстрантите и на „Твитер“ ги пофали надлежните органи за доминацијата и употребата на сила во Вашингтон.

Буш соопшти дека тој и неговата сопруга биле вознемирени од бруталното задушување што довело до смрт на Флојд.

„Последниот инцидент во кој Афроамериканец е убиен од бел полициски службеник покрена загрижувачки прашања со кои треба да се соочиме“, посочи поранешниот американски претседател.

„Оваа трагедија - во долгата серија на слични трагедии - поставува прашање на кое сè уште не сме дале одговор - како да се стави крај на системскиот расизам во нашето општество“, заклучи Буш.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.