Фон дер Лаен: Унгарија и Полска прават штета на милиони Европејци
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 26 Ноември 2020
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен им порача на Унгарија и на Полска да престанат да го блокираат усвојувањето на буџетот и фондот за закрепнување и им порача да одат на суд во врска со жалбите поради планот со кој исплатата на пари на ЕУ кон земјите членки се условува со почитување на демократските стандарди и владеењето на правото.
„На тоа место обично се решаваат разликите во мислењата за законодавните текстови, но тоа не се прави на штета на милиони и милиони европски граѓани кои итно чекаат на наша помош“, рече Фон дер Лаен во обраќањето пред членовите на Европскиот парламент, пренесува порталот „Политико“.
Таа исто така рече дека шемата што ќе ги поврзе исплатата на ЕУ и почитувањето на одредени критериуми на владеењето на правото е соодветна, пропорционална и неопходна.
„Тешко е да се замисли некој да се спротивстави на тоа“, рече Фон дер Лаен.
Лидерите на ЕУ во јули се договорија за историски буџет од 1,8 милијарди евра за да закрепнат од последиците на пандемијата на коронавирус, но Полска и Унгарија го блокираа усвојувањето на буџетот поради новиот механизам што предвидува скратување на средствата на ЕУ за земјите чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс