Бајден и Лајен: Западен Балкан е прашање од заеднички интерес

Американскиот претседател, Џо Бајден и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се договорија да координираат за прашања од заеднички интерес. Меѓу нив е и Западен Балкан.

Во телефонскиот разговор со фон дер Лајан, Бајден истакна дека ја поддржува Европската унија и е посветен на подобрување и заживување на партнерството меѓу САД и ЕУ, се вели во соопштението на Белата куќа, додавајќи дека лидерите се согласиле да ги суспендираат тарифите поврзани со спорови во Светската трговска организација и да работат на нивно решавање, пренесува „Гласот на Америка“.

„ Лидерите разговараа за важноста на тесната соработка меѓу САД и ЕУ во справувањето со пандемијата на Ковид-19 и зајакнување на глобалната здравствена безбедност, постигнување одржливо глобално економско закрепнување, справување со климатските промени и зајакнување на демократијата. Тие, исто така, се согласија да координираат за прашања од заеднички интерес, меѓу кои се Кина, Русија, Белорусија, Украина и Западен Балкан“, се заклучува во соопштението.

Од стапувањето на должноста Бајден најави обновување на односите со европските партнери и враќање на мултилатералната дипломатија.

Во неодамнешното интервју за „Гласот на Америка“, заменик помошникот државен секретар на САД, за европски и евроазиски прашања, Моли Монтгомери, рече дека САД се посветени на соработката со Европската унија, особено кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.