Вучиќ по состанокот со Пахор: Западните сили се брутално лицемерни

Словенечкиот претседател Борут Пахор во Белград вчера рече дека Европската унија мора да покаже некои нови, свежи процеси во стратегијата за проширување на блокот, додавајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е геополитичка итност што треба да се постигне побрзо.

„Би било одлично ако, повеќе или помалку во исто време, сите земји од Западен Балкан влезат во ЕУ“, изјави Пахор на заедничката прес-конференција по разговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ, на кои клучни теми биле подготовките за самитот Брдо -Бриони на 17 мај и ситуацијата во регионот.

Пахор во интервјуто за белградски „Курир“ во пресрет на разговорите со Вучиќ истакнал дека ЕУ треба да го стави проширувањето на Западен Балкан на значително повисока позиција на својата агенда, велејќи дека пристапувањето на регионот ќе обезбеди мир и стабилност.

„Само во тој случај границите веќе нема да имаат такво значење, а национализмот ќе ја изгуби својата привлечност. Ова е важно за зачувување на мирот и безбедноста, како и благосостојбата на луѓето во таа област“, ​​рекол словенечкиот претседател во интервјуто.

Потврдувајќи го учеството на Србија на самитот и високото ниво во билатералните односи со Словенија, Вучиќ рече дека состанокот бил клучна тема на разговорите со Пахор, а за регионалните прашања тој ја потенцира позицијата за Косово, велејќи дека Србија е подготвена за дијалог, но дека за танго се потребни двајца, алудирајќи на фактот дека продолжувањето на дијалогот го попречува Приштина, а не Белград.

Во контекст на темата за промена на границите, Вучиќ ги обвини големите сили за позицијата дека Србија треба да се однесува како да е згазена, изјавувајќи дека истите тие земји измислуваат непостоечки начела со цел на Србија да и се наметне нечија волја.

Тој тврди дека на дело е бруталното лицемерие на некои западни сили кои немаат никакви принципи, туку, како што тврди српскиот председател, ги измислуваат по потреба, како приказната за непроменливост на границите.

Вучиќ праша кога точно западните сили започнале да го применуваат принципот на непроменливост на границите - во 1991 година, кога се распаднала СФРЈ, или во 1998 година, на почетокот на отцепувањето на Косово или пак во 2008 година, кога Косово прогласи независност, без, како што кажа, каква било одлука во ОН.

Тој воедно нагласи дека Србија строго ќе се придржува кон принципите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.