ЕУ објави колку вакцинирани, а колку невакцинирани лица починале од коронавирус

Земјите со најмал процент на вакцинирана популација се соочуваат со најголем број смртни случаи од последиците од коронавирусот на милион жители, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, објавени од Европската комисија (ЕК).

Соодносот меѓу вакцинираните и невакцинираните лица кои починале во земјите од Европската Унија (ЕУ) е претставен во графикон, на кој бројот на умрени на милион жители се однесува на период од 14 дена.

 

 

„Податоците покажуваат дека колку е поголем опфатот со вакцинација, толку е помала смртноста“, напиша Европската комисија во описот на графиконот.

 

На врвот на листата е Ирска, каде што се вакцинирани 93 отсто од возрасната популација. Во претходниот 14-дневен период има 15 смртни случаи на милион жители.

На второ место е Португалија со 92 отсто од вакцинираните кај населението над 18 години и десет смртни случаи на милион жители, додека Малта со истиот процент на вакцинирани бележи нула смртни случаи на милион жители во претходните две недели.

Четврта на листата е Данска со 89 отсто од вакцинираните и десет смртни случаи на милион жители, додека Белгија на петтото место е мал исклучок во односот меѓу вакцинирани и починати - двете дози од вакцината ги примиле 87 отсто од возрасните Белгијци и бројот на починати на милион во претходните 14 дена е 29.

Земјите на дното на листата имаат значително поголем број смртни случаи, па така Полска има 62 проценти вакцинирани и 49 смртни случаи на милион жители во период од 14 дена. Во Хрватска вакцинирано е 55 отсто од населението, а во истиот период има 168 смртни случаи од коронавирус.

Една од ретките земји членки на ЕУ во која процентот на вакцинирани не е обратно пропорционален со бројот на смртни случаи е Словачка, која има 54 проценти од вакцинираната возрасна популација, со 29 смртни случаи на милион, што е значително помалку од другите земји на дното на листата.

Романија и Бугарија се на дното на листата. Романците вакцинирале 43 отсто од возрасните и имаат 267 смртни случаи на милион жители. Бугарите го држат последното место според бројот на вакцинирани (29 отсто), со најголем број смртни случаи во последните две недели во целата Европска Унија - дури 325 на милион жители.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.