Ердоган му понуди на Зеленски средба со Путин во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека за време на разговорите во Лавов му понудил на својот украински колега Володимир Зеленски Анкара да ја организира неговата средба со рускиот лидер Владимир Путин во Турција.

„Повторив дека нашата солидарност и поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина ќе продолжи, исто како што му кажав на господинот Путин за време на мојата посета на Сочи. Го потсетив господинот Зеленски дека можеме да ја организираме нивната средба – рече Ердоган, кој беше во Лавов вчера со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

Според него, за време на трилатералната средба станало збор за чекори што може да се преземат за интензивирање на активноста на украинскиот механизам за извоз на жито.

Ердоган рече дека планира да разговара за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје со рускиот лидер Владимир Путин и да побара од него да преземе конкретни мерки.

Тој оцени дека темата за нуклеарната централа Запорожје „не е случајна“ и рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) треба внимателно да ја следи ситуацијата и да преземе одредена одговорност за тоа што треба да се направи.

– Кога реков: „Не сакаме да доживееме уште еден Чернобил“, мислев на ова. За ова прашање ќе разговараме со почитуваниот господин Путин и особено ќе го прашаме за тоа како Русија би придонела во овој важен чекор кон светскиот мир – изјави Ердоган пред новинарите во авионот по враќањето од Лавов,пренесе Телеграф.рс.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.