„Твитер“ почна да наплаќа за синото лого
- Детали
- Категорија: Технологија
- Создадено: 06 Ноември 2022
„Твитер“ во саботата ја ажурираше својата апликација во „Еп-стор“ на „Епл“ за да почне да наплаќа 8 долари за синото лого што означува верификуван профил, потег што го најави новиот шеф на компанијата, Илон Маск.
Апликацијата за iPhone на оваа социјална мрежа во саботата вечерта доби ажурирање, со кое, меѓу другото, се воведува наплатата на сината птица која досега служеше за означување на проверени профили на јавни личности. Ова ќе чини 7.99 долари месечно, преку услугата „Твитер блу“.
Во ажурирањето се наведува: „Набавете Twitter Blue за 7.99 долари месечно ако се претплатите сега за сината ознака. ‘Моќ за луѓето’: вашиот профил ќе добие сина ознака, исто како познатите личности, компаниите и политичарите што веќе ги следите“.
Инаку, фразата „Моќ за луѓето“ ја употреби Маск во своите објави на „Твитер“ бранејќи ја одлуката да почне да се наплаќа за синиот знак. Оваа одлука доаѓа една недела откако Илон Маск го купи „Твитер“ за 44 милијарди долари. Милијардерот во петокот ја преполови работната сила на компанијата, отпуштајќи речиси 4.000 вработени.
Во ажурирањето на апликацијата за iOS уреди се наведува дека Twitter Blue ќе добие повеќе функции – многу подобри реклами, објавување подолги видеа и приоритетно рангирање за квалитетна содржина. Што се однесува до второто, на оние што ќе се претплатат на „Твитер блу“ им се ветува дека нивната содржина ќе добие приоритетно рангирање во одговорите, спомнувањата и пребарувањата и ќе помогне да се намали видливоста на измами, спамови и ботови.
„Твитер блу“ со верификација засега, наводно, е достапен на оперативните системи iOS во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија.
„Штом потврдиме дека функционира добро во почетната група земји и ги комплетираме преводите, ќе започне низ целиот свет,“ твитна Маск во саботата.
За потсетување, Илон Маск на Твитер напиша „Птицата е ослободена“, откако ја презеде контролата над „Твитер“ во договор што го стави на чело на една од водечките глобални социјални платформи.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс