
Борче сведочи за пожарот во „Пулс“: „Извлекувавме луѓе кои беа заглавени, ја најдов и мојата сопруга“
- Детали
- Категорија: Категории
- Создадено: 28 Март 2025

Тој за платформата supportkocani.com раскажа што се случувало кобната ноќ.
„Пејачите рекоа ‘сите надвор, сите надвор, ќе се вратиме’. Тргнавме полека да излегуваме надвор, но наеднаш настана стампедо и хаос. Јас ја држев сопругата за рака, но од јаглеродниот моноксид се онесвестив. Бог ми даде некоја сила, не знам како да опишам, се разбудив и видов дека не ја држам веќе за рака.“, го почнува Јованчевски сведочењето.
„Пробав да излезам, но никако, бевме заглавени. Бог ми даде сила, се искачив, почнав да гребам и паднав долу пред скалите. Првото нешто што го направив, истурив вода на лицето и почнавме одма да ги извлекуваме луѓето. Многу од нив беа заглавени, сите пружаа рака, некој можеше да се извлече, а некој не“, раскажува.
Тој рече и дека до него бил Лазе од обезбедувањето, бил многу силен и можел да извлече повеќе луѓе, па ги подавале сите нанадвор. Дошол и дедо му, и со него заедно почнале да ги вадaт луѓето од дискотеката.
„Имаше запалено од едната страна бела даска која гореше, заедно ја кренавме даската и ја фрливме и дедо ми почна на левата страна да влече луѓе, а јас видов рака и некој кој ми го извикува името. Тоа беше мојата сопруга. За среќа беше жива…“, вели тој.
Борче Јованчевски бил еден од првите кој алармирал за пожарот во дискотеката во Кочани и објавил апел за помош на социјалните мрежи, помагајќи кочанчани да излезат и да спасуваат луѓе.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени и пренесени на болниците во државата и во странство. По пожарот загина и возачот на Брзата помош, Иле Гоцевски, кој цела вечер и утредента пренесувал повредени лица од Кочани до Скопје. Дошол дома заспал и повеќе не се разбудил.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
