Набавка на 120 еколошки автобуси, изградба на нови и реконструкција на постојните објекти во културата, одлучи Владата

На денешната 65. владина седница беше разгледана и усвоена информацијата за содржината на програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат јавните установи во областа на културата за 2025 година, која содржи 11 проектни активности, кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и туризам и националните установи од областа на културата, кои се носители на активностите.

 

Со оваа програма, како што информираат од Владата, се предвидуваат активности за продолжување со изведување градежни работи за изградба на нов објект наменет за театар и библиотека во Тетово, изградба на објектот на НУ Турски театар – Скопје и изградбата на Стариот театар во Струмица, се продолжува и со реконструкција на објектот на театарот во Куманово, како и почеток со реконструкција на објектот НУ Музеј на Македонија и почеток со реконструкција – санација и адаптација на објектот на поранешно кино „Партизан“ во Битола при НУ Народен театар – Битола.

 

Финансиските средства потребни за реализација на активностите од програмата се предвидени во буџетот на Министерство за култура и туризам за 2025 година во износ од 123.775.000 денари.

 

Исто така, Владата ја разгледа и усвои информацијата од Министерство за транспорт во врска со доставените писма за интерес од единиците на локалната самоуправа за потребата од набавка на еколошки автобуси за јавен превоз. Имајќи ги предвид финансиските средства обезбедени во рамките на буџетот на Министерството за транспорт за оваа намена, предвидена е набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 се ургентно потребни за обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“ и подобрување на јавниот превоз, а другите 40 ќе бидат распределени во согласност со економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа.

 

Набавката на еколошките автобуси за јавен превоз ќе придонесе за подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, како и намалување на загадувањето на воздухот во општините, одржлив развој и заштита на животната средина, нагласуваат од Владата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.