Општина Аеродром: И покрај сите опструкции од централна власт, општината две години активно работи на реализација на нови проекти

„Доколку енергијата која СДСМ ја троши за прес-конференции полни со лаги и дезинформации ја потрошеа за реализација на проекти и инвестиции за граѓаните, денес немаше да биде политичката партија со најнизок рејтинг помеѓу граѓаните во Македонија.

Четири години власт без никакви резултати и двегодишна работа како безгласна опозиција во советот на Општина Аеродром, беа доволни за СДСМ конечно да го покаже своето вистинско лице пред граѓаните и да покаже дека е политичка партија која ја интересираат само личните интереси, фамилијарните бизниси и тендер зделките“, велат од општина Аеродром.

„Смешно е за проекти и развој да говори политичката партија која 4 години не реализираше ниту еден капитален проект за Аеродром, а воедно претставува пример за корумпирано и криминално владеење кое донесе сиромаштија и економска криза во државата.

Наместо да држат прес-конференции полни со дезинформации, СДСМ треба да даде одговор за тоа зошто нивната влада свесно го кочи почетокот на изградба на две детски градинки, доградба и надградба на две основни училишта, како и изградбата на новиот плоштад зад ТЦ „Капитол“. Ќе беше зачудувачки доколку СДСМ, наместо да ја лаже јавноста, дадеше одговор зошто ги намали дотациите за основното образование, а министерката за труд и социјална политика од редовите на таа партија одговореше зошто владата не презема ништо за решавање на проблемот со капацитетите во детските градинки во Аеродром“, соопшти Општината.

„Граѓаните на Општина Аеродром се свесни и знаат дека доколку има политички субјект на кој му пречат новите проекти во Аеродром, тоа дефинитивно е СДСМ и доколку постојат политичари кои направиле се за да стагнира развојот на општината, тоа дефинитивно се премиерот, министрите и пратениците од најдеструктивната политичката партија во историјата на Македонија.

На крајот дозволете да напоменеме дека и покрај сите опструкции од централна власт, општината две години континуирано и активно работи на реализација на нови проекти и инвестиции. Аеродром и во услови на економска криза предизвикана од неспособноста на централната власт, се менува, раззеленува и разубавува. Граѓаните од секоја населба добиваат нови улици, сообраќајници, паркови и игралишта, а дечињата учат во нови и модерни училишта. Опструкциите и пречките го покажуваат вистинското лице и деструктивниот карактер на оваа политичка партија, но нема да дозволиме тие да го спречат понатамошниот развој на општината и реализацијата на проекти од интерес за граѓаните“, се додава во соопштението на општина Аеродром.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.