Белчева: За 60-годишнината од земјотресот, Центар ги почести „Рамстор“ и КАМ, може да пораснат до 23 метри во висина

На паркингот на ТЦ „Рамстор“ може да се изгради нова зграда висока 23 метри, а новиот објект на КАМ, кој е во истата линија во планот, може од сегашните 16 метри, да порасне до 23 метри во висина, односно да добие уште два ката. Вакви измени на планот „Стара железничка“ вчера изгласа Советот на Општина Центар, а „Шанса за Центар“ уште веднаш реагира дека планот е донесен шверцерски и дека советниците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ заеднички изгласаа нова бетонизација на центарот на Скопје.

Новиот план дозволува на паркингот кај ТЦ „Рамстор“ да се изгради целосно нов објект, висок 23 метри

„Во пресрет на 60-годишнината од земјотресот, Општина Центар ги почести ‘Рамстор’ и КАМ. Уште еднаш Советот на Центар го стави интересот на инвеститорите над јавниот интерес. Од оваа нова бетонизација последиците ќе ги трпиме сите, а профитот ќе оди само кај одредени. Веќе немаме институции што ќе го заштитат јавниот интерес, ќе внимаваат на квалитетот на животот и ќе го заштитат јавното добро“, вели советничката Јана Белчева од „Шанса за Центар“ за „Макфакс“.

Таа нагласува дека не само советниците што гласаа за новиот план туку и сите други институции што дозволиле ваквиот план да стигне до седница на Советот се виновни за бетонизацијата и не водат сметка за квалитетот на животот. Секоја институција одделно можела да не даде согласност и да го спречи планот.

КАМ може да си догради уште два ката над сегашниот објект и да биде висок 23 метри

„Иронијата да биде поголема, во документот, кој се однесува на заштита и спасување од урнатини, се вели дека објектите се високи 10,3 м; планерката вели дека се 21 м, а во измените на планот изгласани вчера се вцртани објекти со висина од 23 м. Веруваме дека не се работи за превид или техничка грешка, туку намерна конфузија за да се отвори простор за профитерите моќници, кои очигледно имаат поддршка од оние што треба да носат одлуки во корист на жителите на општината и заедницата. На овој начин политичко-профитерската спрега вметна нови 15.000 м2 површина во планот. Резултатот ќе биде концентрација на моќ и заработка кај малкумина, а на штета на градот и неговите жители. Планот поминал со позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување и од Министерството за транспорт и врски, очигледно со затворени очи. ‘Шанса за Центар’ заклучува дека одговорноста во овој систем не постои, а човечкиот живот губи вредност секој миг“, велат од „Шанса за Центар“.

Општина Центар почна подготовка за измена на овој план за да се реши само потребата на жителите на аголот меѓу улиците Јордан Мијалков и Водњанска, но како што нагласуваат од „Шанса за Центар“, уште еднаш победи инвеститорскиот урбанизам и со интервенции од повисоко се задоволи алчноста на малкумина.

Со новиот план додадени се 15.000 квадратни метри површина, која во превод значи многу милиони евра заработени од деловен и станбен простор.

Против новите бетонски чудовишта „Шанса за Центар“ најави дека ќе ги искористи сите правни и административни механизми што им се на располагање. Ќе се обиде да ја спречи реализацијата на измените за кои пред јавноста лутите политички противници СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нашле заеднички јазик.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.