Левицата: Политичката и судската елита со урбанистичката мафија го бетонизираат Центар

Собрани сме пред некогашната фабрика „Треска“, на местото на кое политичката и судската елита, во спрега со интересите на урбанистичката мафија – ѝ го задаваат последниот удар на општина Центар и воедно на градот Скопје – со изградба на бетонско чудовиште во спротивност на јавниот интерес, велат од Левицата.

Минатата недела, според нив, Уставниот суд, „под водство на Кацарска, ја отфрли иницијативата за преиспитување на овој ДУП – одлука, со која се бетонизира последниот слободен простор во центарот на Скопје и се крунисува плодната соработка помеѓу големите партии, судството и предаторските бизнис-интереси – во овој случај, на градежните компании „Голден арт“ и „Мега акустик“.

Ова, како што велат, е еден во низата примери кога Уставниот суд во Македонија ги штити интересите на градежните компании – „потсетуваме за скандалозната одлука, со која се укина мораториумот за градба и се легализира бетонизацијата на општина Центар“.

„Во овој конкретен случај, на спорната денационализација се надоврзува и незаконското располагање со имотот на стечајниот управител, што води до загуба на милионски суми за Општина Центар и Град Скопје. Додека минатата година, повторно сведочевме како на спорни локации, околу кои се водат дебати и истраги, неочекувано избиваат пожари кои претходат на градежни активности. Затоа, сега ни се поставува прашањето дали овој пожар беше случаен или добро организиран?“, прашуваат од Левицата.

Додаваат дека Герасимовски и СДСМ, ‘како секогаш водени од своите лукративни побуди и искривени политички приоритети, иако имаат одговорности и овластувања, не иницираа носење на нов детален урбанистички план, како што се предвидува – со што се обидуваат да го легализираат грабежот и градежните активности на овој простор’.

Левицата, како што велат, застанува во одбрана на јавниот интерес на жителите на Центар и град Скопје. „Се попречуваме на патот на самоволието на бизнис-интересите. Советничката група на Левицата во Општина Центар ќе инсистира на изработка на нов ДУП, како и на привремена мерка за забрана на градежни активности и издавања одобренија за градба во периодот на предистражната постапка водена од Јавното обвинителство“, посочуваат од оваа партија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.