(Фото) Герасимовски: Улицата Дебарца готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

 

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.

 

 

Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.

 

„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

 

 

Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.

 

Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.

 

 

„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.

 

Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.